Николов останува кандидат градоначалник за Штип, од ВМРО велат очекувано е

Извршниот одбор на СДСМ ги утврди 30 имиња на градоначалници со кои ќе настапи на претстојните избори на есен. Меѓу нив се и имињата на дел од сегашните градоначалници од општините од Истокот меѓу кои за Штип останува Сашко Николов. За него ова претставува огромно задоволство и стимул за понатамошна работа.

„Морам да кажам дека ми претставува огромна чест и задоволство да претседателот на Владата, господинот Зоран Заев меѓу првите кандидати за градоначалници на општини го кажа и го спомна и моето име. Ми претставува чест и привилегија да ја застапувам и партијата. Довербата која ја дава претседателот на партијата да бидат кандидат за градоначалник за мене е огромна“ – истака Николов.

Претседателот на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, Иван Јорданов вели дека очекувано е Николов да биде предложен за кандидат за градоначалник бидејќи тој и Заев имаат слични карактеристики.

„Очекувано беше Зоран Заев да го предложи Сашко Николов затоа што по многу работи се поистоветуваат, имаат слични карактери едно зборуваат, а друго прават во пракса и на дело. Но, не е битно што Зоран Заев ќе одлучи кој ќе биде кандидатот на СДСМ најбитно од се е дали граѓаните ќе дадат поддршка на Сашко Николов и на неговата Баргала.“ – кажа Јорданов.

Во имињата за градоначалници се и  Ивица Димитров на Виница, Горан Трајковски за Делчево, Јордан Насев за Карбинци, и Драган Атанасов за Пробиштип. Промена е направена со градоначалникот на Пехчево. Имено моментално во Пехчево градоначалник е Драган Тренчовски, а на претстојните избори СДСМ ќе настапи со Славчо Пандурски.
За Општина Кочани и Македонска Каменица сеуште не се истакнати имињата на градоначалници со кои ќе се настапи на изборите и покрај претпоставките дека сегашни Николчо Илијев за Кочани, и Соња Стаменкова за Каменица дека ќе бидат кандидирани повторно.

До крајот на месецов треба да се познати и имињата на градонаќалници со кои ќе се претстави СДСМ на изборите и во останатите општини во државата.

Лаура Стојанова М-Нет