Заинтересираност за вакцинација има, а и доволно вакцини за сите граѓани

Има заинтересираност за вакцинацијата во Штип и околината. Со прва доза се вакцинира во Здравствениот дом „Панче Караѓозов“, со вакцините „Синовак“ и „АстраЗенека“, а ревакцинација во Спортската сала „Јордан Мијалков“. Освен овде, вакцинација се врши и на терен.

„Теренската вакцинација исто така е во тек и со задоволителен број на заинтересирани коишто сакаат и имаат желба да се вакцинираат. Утре продолжува теренската вакцинација во Карбинци, Радање и Оџалија.“, изјави Мартина Манчова, заменик координатор за вакцинација.

Медицинските лица велат дека има доволно вакцини за сите заинтересирани граѓани.

„Има доволен број на вакцини, а денес имавме и достава на 4000 вакцини „Синовак“. Со тоа вакцинацијата ќе продолжи сè уште да биде во тек.“, дополни заменик координаторката.

Граѓаните, пак, се задоволни од начинот на кој се врши вакцинацијата и сметаат дека вакцината е начин да се заштитат од вирусот.

„Се вакцинирав со „АстраЗенека“, и првата и втората доза. Добро се чувствувам до сега. Треба да се вакцинираме. Луѓето кои сакаат нека дојдат да се вакцинираат, за здравјето. Ние си го решивме нашиот проблем, па другите нека си го решаваат своето.“, порача вакцинирана граѓанка.

Инаку, сите заинтересирани лица можат да се јават за вакцинација, бидејќи истата се врши без закажан термин.

Лаура Стојанова МНет