
Општина Штип не може да им помогне на жителите од населба Караорман и од село Чардаклија, кои чувствуваат слаб притисок на вода или во делови од денот сосем остануваат без вода. Апелите од надлежните, очигледно, не вродуваат со плод, па вода се троши неконтролирано. Првиот човек на Општина Штип, доктор Сашко Николов, посочи дека со наводнување на бавчите и посевите граѓаните сами избираат да немаат вода. Наместо истата да ја користат за пиење и лична хигиена, ги наводнуваат своите посеви и така и нив самите, но и останатите жители ги лишат од можноста да имаат вода во секој период од денот, секојдневно.
„Секоја населба има резервоар, којшто се полни и се празни како што се троши водата во самите населби. За жал во населбите Караорман и Чардаклија, освен за пиење и лична хигиена, таму водата се троши и за наводнување на сопствените посеви во дворовите. Тоа најмногу се чувствува во утринските делови од денот и во вечерните, кога, всушност, ги наводнуваат. Така што јас ќе апелирам до граѓаните на овие населби да бидат фер спрема граѓаните на останатите населби, коишто немаа насади во своите дворишта. Ако имате една чашка вода, како ќе ја испиете во текот на денот зависи од вас“, посочи Сашко Николов, Градоначалник на Општина Штип.
Максималните капацитети на вода во Општина Штип се едно, а потрошувачка сосем друго. Николов истакна дека за да се наполнат резервоарите во Караорман треба да се сопре водата во центарот на градот, а во овие топли денови тоа е невозможно.
„Повторно апелирам до жителите на Караорман и Чардаклија, а и до останатите жители во овие летни денови да ја користат водата максимално за пиење и лична хигиена. Бидејќи со таквите варијации, знаеме што се случи пред неполни две – три недели, кога беше распукана главна водоводна линија, што е токму поради ваквите нагли полнења и празнења на резервоарите и може да се случи повторно. Апелирам водата да се користи за пиење и лична хигиена, а за сè останато да се користи техничка вода“, додаде Градоначалникот.
Овој апел секојдевно се повторува и од Директорот на ЈП „Исар“. Се очекува проблемот со водоснабдувањето да се реши на есен со приклучувањето на хидросистемот Злетовица. До тогаш останува на граѓаните да ослучуваат како ќе ја трошат водата и дали постојано ќе ја имаат истата или самите ќе се лишат од можноста во 21 век да останат без еден од главните услови за живот.
Лаура Стојанова МНет