Не помалку од 25.000 денари минималец бараат граѓаните, трошоците во декември 51.235 денари

Не помалку од 25.000 денари. Вака штипјани одговараат на прашањето колкава треба да биде минималната плата за да може удобно да се помине еден месец. Со сегашниот минималец, велат, се крпи крај со крај, ама со сѐ повисоките трошоци за живот истиот ќе стане недоволен.

Најава за раст на минималната плата има и тоа за првиот квартал од 2023 година. Станува збор за новата методологија со која минималецот се усогласува со половина од растот на трошоци на живот и половина од растот на просечната плата. Условот со Законот е минималната плата да не биде помала од 57% од просечната. Сепак, кај фирмите повторно се најавуваат проблеми, бидејќи кај дел од нив нема да се изврши порамнување на платите и со тоа голем број работници ќе се збијат околу минималецот. Според пресметките на ССМ, во декември 2022 на едно семејство му биле потребни 51.235 денари за минималната синдикална кошничка, што се добива од 43.163 денари за задоволување на минималната кошничка и трошоците за живот, односно инфлацијата од 18,7% или 8.071 денари. За исхрана и пијалоци биле потребни нешто повеќе од 19.000 денари, за домување над 13.000, за одржување хигиена над 3.000 денари, за превоз близу 4.000 денари. На едно семејство во декември за облека и обувки им требало нешто повеќе од 2.000 денари, за култура 1.000, а за одржување на здравје околу 800 денари.

Ребека Спасова М-Нет