Немирот на кокошките е првиот знак за невреме, некогаш старите по него ја предвидувале бурата

Додека денес погледот е вперен во метеоролошките карти и прогнозите, некогаш луѓето најточниот одговор го барале во природата и во однесувањето на животните. Кокошките, глувците, мравките што забрзано градат мравјалници и собираат зрна, сите тие, вели Тони Максимов од Облешево, многу порано го чувствуваат доаѓањето на невремето отколку што првиот облак ќе се појави на хоризонтот. Нивниот немир бил тивко предупредување дека се подготвува нешто силно, па токму затоа селаните внимателно ги набљудувале и навреме ги заштитувале и добитокот и своите домови.

„Пред невремето тие се мирни, тие си имаат свој простор каде што си гравитираат, ние посебо на село каде што живееме. Кога ќе настапи некое невреме како што беше вчерашното невреме, како и луѓето така и тие го осеќаат тоа. Меѓутоа тие го осеќаат тоа многу порано дека тоа невреме ќе дојде и кај нив. Имавме прилики како што се земјотресите, во било кое време во рок оод 24 часа посебно кај живината, кокошките се немирни и ствараат звукови преку кој ние сме свесно дека ќе дојде невреме. Тоа во главно го правата во вечерните часови. Ние кога ќе видиме дека се немирни дека се вознемирени да кажам, веќе знаеме дека ќе има невреме. 2 до 3 часа чувствуваат пред да настане невремето. Тие тражат простор каде да се скријат, доколку се затворени во кафез тие ќе оодат во едно ќоше, доколку се пуштени ќе се скријат под малите грмушки, не одат под големите дрва. Ние ги сепак заштитуваме во кукичи, меѓутоа кога ќе има земјотрес тие не влегуваат во кукичките, само кога има невреме, дожд тие тогаш и влегуваат внатре. Сега метеоролозите се скоро време, порано старите луѓе се базирале точно на тој дел.“- Тони Максимов од Облешево

Кога природата ќе испрати предупредување, животните први го препознаваат. Токму тоа, вели Максимов, било најсигурниот знак за старите генерации дека се приближува невреме, кокошките сами бараат засолниште долго пред да се затемни небото.

И денес, и покрај современата технологија, многумина веруваат дека природата никогаш не лаже, а животните остануваат нејзините најверни и најчувствителни гласници

Дајана Сандева, М-Нет