Нема откуп на пченица и јачмен, откупната цена ниска па житото стои во амбарите

Род нема, а нема ниту кој да ги откупува пченицата и јачменот. Откупната цена од 9 се намали на 8 денари за килограм, ама уште поалармантно е што веќе никој не купува јачмен и пченица па житото стои во амбарите, тврдат земјоделците од Карбинскиот регион. Годинава маката нема да им се исплати, приносите потфрлија и поради временските прилики.

Производителите на жито сметаат дека цената на пченицата односно на лебното зрно и на јачменот, кој е храна за добитокот треба да се повисоки, со цел да им се исплати трудот и да можат да преживеат.

Ресорниот министер, Љупчо Николовски истакнува дека земјоделците кои произведуваат жито изминатиот период добија поддршка со низа на мерки, а последната е пред неколку дена за складирање на житото за девет месеци. Порано во складиштата го складирале само два месеца, а сега овој рок се продолжува, со цел земјоделците да оцентат кој период согласно висината на откупната цена ќе го предадат во откупните пунктови.

На производителите на жаито во моментов им останува само да се надеваат дека цената на светските берзи ќе се зголеми, за да тие ги продадат пченицата и јачменот во откупните центри.

Лаура Стојанова М-Нет