
Фудбалската федерација на Македонија ја информира јавноста дека барањето на ФК ВАРДАР за одложување на натпреварот од 1. коло на Прва МФЛ за сезоната 2026/2027 не е прифатено.
Календарот за натпреварување во Прва и Втора МФЛ и Купот на Македонија за сезоната 2026/27 е веќе усвоен од органите на ФФМ и поради специфичниот распоред на натпреварите, не постои можност за негово дополнително менување.
Во новата сезона Прва МФЛ ќе се игра по систем од 36. кола, што бара прецизно планирање и почитување на однапред утврдениот календар.
Истовремено, при неговата подготовка беше земен предвид и спортскиот аспект, односно принципот на одигрување натпревари во ритам четврток / недела / четврток за клубовите кои настапуваат во европските клупски натпреварувања, практика што се применува и во најголем дел од европските национални првенства.
ФФМ потсетува дека и во претходната сезона, поради истите причини и почитување на принципот на еднаков третман, не беа прифатени барањата за одложување на натпревари од клуб кој настапуваше во натпреварувањата на УЕФА.
Согласно тоа, натпреварот од 1. коло на Првата МФЛ ќе се одигра според утврдениот календар, на 25 јули 2026 година.