
Околу 200 првачиња за првпат ќе седнат во училишните клупи во училиштата кои се наоѓаат во руралните средини на територија на Штип. Бројот на запишани првачиња варира, велат од Секторот за образование, па во дел од училиштата има зголемување во друг дел намалување на бројот на деца. Новитет се подобрите услови за настава за учениците, а секое прваче ќе добие ранец и училишен прибор од страна на Општината.
„Во некои од училиштата се забележува намалување на бројот на ученици, ама некаде имаме и зголемување. Во населбата Три Чешми имаме намалување на бројот на ученици споредбено со минатата година, но во Почивало се забележува дека имаме зголемен број на ученици“, вели Санева.
Во девет подрачни училишта без проблеми ќе започне и учебната година на територија на општина Карбинци. Бројот на запишани ученици е идентичен како и претходната година, а училишен прибор и еднократна помош ќе добијат првачињата и во оваа општина.
„Бројката се движи некаде околу 55 новозапишани првачиња кои ќе ја учат оваа учебна година во централното и подрачните училишта во Карбинци. Општината ќе субвенционира по 3000 денари за секое прваче“, вели Паунов.
Обезбеден превоз за учениците има и во Штип и во Карбинци. Градоначалникот Паунов истакна дека новитет е што оваа година за првпат учениците во подрачното училиште во село Таринци нема да се греат на дрва. Дел од останатите училишта продолжуваат на ваков начин да ги затоплуваат училниците, а дрва за огрев има.
За разлика од детските градинки во Штип, нема недостиг на наставен кадар во подрачните училишта и наставата ќе започне редовно.
Лаура Стојанова М-Нет