
Пет македонски рудници со странски сопственици оствариле вкупен приход од речиси 270 милиони евра, а чистата заработка им е околу 68 милиони евра, анализира порталот Пари. Според истата анализа, петте рударски компании кои се на врвот по основа на остварениот приход и добивката, се Саса од Македонска Каменица, рудниците Боров Дол и Бучим во Радовиш, Булмак во Пробиштип и прилепскиот Мермерен комбинат.
Податоците покажуваат дека рекордер по приход и по добивка е рудникот за олово и цинк Саса. Приходот во 2022 година му бил 119,8 милиони евра, што е за 26 проценти повеќе отколку во 2021 година, додека минатогодишната добивка му изнесувала 40,2 милиони евра, што е за 14 проценти повеќе отколку приходот во 2021 година.
Боров Дол, кој е современ рудник за површинска експлоатација на бакарна руда, наследник на четириесетгодишниот рудник Бучим, е втор по приход, а трет по добивка. Лани Боров дол направил приход од 66 милиони евра, но минатогодишната добивка му е намалена за дури 51 процент во однос на 2021 година. Во 2022 година нето-добивката што ја реализирал рудникот за бакар била 5,8 милиони евра.
Во 2022 година рудникот за бакар и злато Бучим од Радовиш направил вкупен промет од 44,3 милиони евра, што е за 45 проценти повеќе отколку во 2021 година. Во 2021 година рудникот немал добивка, но затоа во 2022 година добивката му била 3,8 милиони евра, со што го држи петтото место по добивка и третото по приход.
Компанијата Булмак во Пробиштип е концесионер на рудните наоѓалишта Злетово и Тораница. Булмак по приход и по добивка зазема четврто место. Реализирани се 35,7 милиони евра приход, што е 5 проценти повеќе отколку во 2021 година. Ланскиот приход ѝ донел на компанијата добивка од 4,3 милиони евра. Таа добивка, пак, е дури 63 проценти помала од онаа во 2021 година.
Петти рудник со најголем промет е Мермерен комбинат – Прилеп. Вкупниот приход од мермерот во 2022 година бил 30,8 милиони евра и е речиси ист како во 2021 година. По добивка, пак, Мермерниот комбинат е на второто место, лани направил профит од 14 милиони евра, а тоа е за 6 проценти помал профит од оној во 2021 година.
Како што пишува порталот Пари од петте најголеми компании по приход и добивка, само две се не листата на најдобри компании по плати. Од тие две листи само две: Саса од Македонска Каменица и Боров дол од Радовиш, можат да се пофалат дека се и на листата на ТОП 5 рударски компании по плати. Саса има 736 вработени и просечната нето-плата е 54.572 денари. Боров Дол, пак, со 299 вработени има просечна нето-плата од 40.461 денар.
Ребека Спасова М-Нет