Неизвесна трка за челната позиција во Првата женска фудбалска лига, Саса на минус четири од врвот, Кочани на дното

Репрезентативната пауза во женскиот фудбал ќе биде добредојдена да се направи пресек на одиграното до сега, по осум кола некои екипи потфрлија, некои изненадија, но дефинитивно ќе гледаме интересна сезона за титулата.

Љуботен е на врвот од табелата со 20 бодови, поранешниот шампион од Тетово одново е сериозен конкурент на актуелниот шампион Скопје, кој со 19 бодови е на второто место на табелата, само еден бод е разликата меѓу лутите ривали.

На третото место е Пелистер, кој како нов член на елитата е вистинско изненадување и со 17 бодови котира високо на табелата, со по 16 бодови, Тиверија Брера и Каменица Саса го делат четвртото место со по 16 бодови.

Овие пет екипи ќе ја водат трката за титулата, веќе имаат и посериозна бодовна разлика во однос на останатите пет екипи, кои сезонавата ќе бидат далеку од топ пет зоната.

АС Јунајтед е на шестото место со осум бодови, Вардар со двете победи во низа изби на седмото место со седум бодови, а пак Истатов сега е осми со шест бодови. Речица е деветта односно во бараж зоната со четири бодови, а пак Кочани е на дното со еден освоен бод.

Кочани и оваа сезона ќе води тешка борба за опстанок, минатата сезона се спаси преку бараж, но годинава како тргнало и таа опција ќе им биде тешка за тимот од градот на оризот.

Статистички Тиверија Брера го има најдобриот напад со 42 гола, а пак Скопје најдобрата одбрана со пет примени гола. Љуботен и Скопје имаат по шест победи, а Кочани е единствениот тим кој не се израдувал ниту еднаш во осум кола.

Најлош напад имаат Кочани и Истатов со шест постигнати гола, а Речица најлоша одбрана со примени 42 гола во осум натпревари.

По завршувањето на репрезентативната пауза, Ас Јунајтед на домашен терен ќе бара прекин на резултатската криза против Тиверија Брера, во Македонска Каменица ќе се игра дерби на два поранешни шампиони – Каменица Саса против Скопје, Пелистер ќе го пречека Љуботен, Вардар како апсолутен фаворит ќе игра против Кочани, а пак Истатов ќе игра дерби од долниот дел на табелата против Речица, капитален дуел на двете екипи за бегство од опасната зона.

Александар Ванев, М-Нет