
Во недела (17 мај) ќе се одржи третото издание од детската трка „Децата под Исарот“ во Штип, која и оваа година ќе биде со хуманитарен карактер.
Интересот и годинава е голем, а се очекува третото издание да биде најмасовно до сега во однос на претходните две изданија на „Децата под Исарот“.
Пријавувањето за учество на детската трка во градот под Исарот е отворена до недела (10 мај), а учество може да земат дечиња на возраст од 4 до 14 година од Штип, но и од другите градови на Македонија.
„Пријавите се веќе во тек, дечињата може да се пријават до 10 мај, интересот е голем, а годинава е третото издание. Очекуваме уште многу дечиња да се пријават во недела, се надевам дека и времето ќе биде убаво и да се израдуваат и нашите дечиња“, вели Кристијан Костов, организатор на трката.
Учесниците на „Децата под Исарот“ ќе бидат поделени во неколку категории, стартот на трката е гимназијата „Славчо Стојменски“ со почеток од 10 часот.
„Дечињата кои ќе учествуваат на трката се од 4 до 14 години и се поделени, така што, ќе трчаат децата од 4 и 5 години, втората група е 6 и 7 години, потоа 8 и 9 години, десет и 11 години и децата од 12, 13 и 14 години ќе трчат заедно. Трката стартува кај гимназијата „Славчо Стојменски“, а ќе заврши кај мостот „Свети Никола“, дополни Костов.
Овој спортски настан го буди интересот кај децата за спортување, бидејќи некои од дечињата и по првпат ќе учествуваат на еден спортски настан, а целта е децата да се насочат кон спортот.
„Од најмала возраст се трудиме да тргнат на правилниот пат, да се отргнат од тие пороци, да имаме работна навика, дисциплина, дружба, емпатија, социјализација… Од година во година интересот е поголем, се надевам дека оваа ќе прерасне во традиција и ќе ги израдуваме уште еднаш нашите дечиња. Голема благодарност до општина Штип и градоначалникот Иван Јорданов, до полицијата, до брзата помош кои ни нудат секогаш поддршка. Ве очекуваме во недела заедно да ги бодриме нашите дечиња“, вели Костов.
Дечињата покрај спортскиот дел, ќе може да забавуваат и да се дружат, а Штип како град на спортот уште еднаш ќе се покаже како добар домаќин.
Александар Ванев, М-Нет