На повидок се нови протести, оризопроизводителите од кочанско без заедничко решение со Владата

Оризопроизводителите од кочанско повтроно револтирани. И покрај многуте протести, барања до надлежните никој се уште не им излегол во пресрет. Здравко Арсов оризопроизводител од Облешево во телефонски разговор за М-Нет телевизија истакна дека тие ќе чекаат до петок, ако не им се даде 25 денари за килограм оризова арпа од понеделник ќе започнат повторно со протести.

„Ние ќе чекаме до петок. Доколку до петок немаме информации која цена ќе биде, како ќе се исплаќаат субвенциите, оти субвенциите до Нова година треба да бидат исплатени, во спротивно ние нема што да се договараме, немаме никаква информација. Денови на оризот во Кочани ниту еден земјоделец не беше поканет“ – истакна Арсов.

Жетвата веќе започна, но откуп нема. Цената не ги задоволува потребите на земјоделците кои егзистираат од производство на ориз. Понудените 3 денари од премиерот Заев не се прифатливи за оризарите.

„Тие три денари на што би ги дале, ние бараме откупувачот кога ќе дојде јас да имам на кантарната сметка 25 денари. Се друго нема да биде прифатливо“ – додаде Арсов.

Според Арсов петок или најкасно до недела ќе се знае дали и кога ќе почнат протестите. Инаку оризвопроизводителите последниот пат протестираа со блокада на патниот правец Кочани – Штип кај село Облешево. За оризовата арпа бараат 25 денари по килограм, а за белиот ориз 50 денари по килограм.

Лаура Стојанова М-Нет