
Предизборното ветување на сегашниот градоначалник на Општина Штип, Иван Јорданов – обиколница која ќе минува покрај населбите Железничка, Пребег и Ново Село и средствата за нејзина реализација се во тек на разгледување, за во наредната 2022 година да може да биде реалност.
„Работиме на тоа што го ветивме предизборно за во наредната 2022 година прво буџетски да ја предвидеме оваа обиколница, како проект, а следствено на тоа и како решение и изградба“, посочи Јорданов.
Истовремено, се работи и на проектот за Линија 2, за којашто Јорданов се надева дека ќе почне да се реализира исто така наредната година.
„За Линија 2 од она што сега го имам како информација е дека работиме на проект, се надевам дека во 2022 година ќе стартуваме со изградба и на оваа градежна активност“, додаде Јорданов.
Обиколницата која ќе минува низ Железничка, Пребег и Ново Село ќе значи растеретување на сообраќајниот метеж и подобрување на комуникацијата на луѓето. Линија два, пак, која чини нешто над еден милион денари, пари обезбедени од ТАФ програмата, е од огромно значење за Општина Штип, бидејќи ќе значи нормално водоснабдување на населбите Пребег и Ново Село, но и на индустриските зони.
Ребека Спасова МНет