
Над 20% од младите по завршување на средно образование во четири региони во државата сакаат да студираат во странство, покажаа најновите истражувања на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип, а насловени „Млади, миграции и образование“. Универзитетскиот професор Страшко Стојановски кој заедно со студентите од овој факултет го реализираше истражувањето истакна дека 33% од средношколците би студирале на државните Универзитети во земјава, а од коишто предничат „Свети Кирил и Методиј“-Скопје и „Гоце Делчев“-Штип.
„Друго коешто можеме да забележиме е дека оние коишто не би се запишале на Универитет, а тие се околу 30%, средношколци од четврта година, исто така од нив 24 % би сакале да се иселат. Доколку земеме во предвид дека оваа година за државна матура од овие региони се пријавени нешто повеќе од 3.500 матуранти и ако ги вкалкулираме овие статистики кои што не се егзактни, туку се сериозно индикативни тогаш би можеле да дојдеме до бројка од околу 900 млади, коишто потенцијално би ја напуштиле државата, само од последната генерација. Тоа е навистина голема бројка“- вели Стојановски.
Младите од Штип, Македонска Каменица и Струмица се на врвот на листата да излезат и да студираат во странство, покажува анкетата, додека за приватните Универзитети има најголем интерес од страна на матурантите од Велес, Кавадарци и Гевгелија.
„Додека во осатнатите градови на пример предничат државните Универзитети, меѓутоа Штип е карактеристичен по тоа што за разлика од останатите градови, каде што државните Универзитети се прв избор, зборувам за Македонија, а втор избор е избор надвор во странство, за Штип прв избор е студирање надвор од државата, а втор избор се државните Универзитети“ – додаде Стојановски.
Посочува дека помеѓу двете истражувања забележано е и дуплиран и бројот на одлични ученици во средните училишта. Но, какошто забележува ако пред пет години од пет до шест посто од семејствата имале месечни примања од над 60.000 денари, денеска овој процент изнесува околу 33%, а тоа покажува дека социјалниот статус е подобрен во земјава. Универзитетскиот професор Стојановски смета дека токму и ова ја зголемува мотивацијата кај младите да студираат во странство.
Лаура Стојанова М-Нет