МРА Плачковица одбележува јубилеј 50 години постоење – предвидена богата програма во сабота

Младинска работна акција Плачковица одбележува јубилеј 50 години постоење. По тој повод закажани се низа настани и активности кои ќе се одржуваат во Штип. Манифестацијата е од меѓународен карактер, а се очекуваат гости од поранешните југословенски републики.

„Веќе околу 70 бригадери од поранешна Југославија ќе се приклучат на оваа средба и околу 90 бригадери од Македонија. Активностите се поддржани од општините Штип и Карбинци. Програмата предвидува посета на спомен собата на Киро Глигоров, Безистенот, музејот, Исарот…“ – вели Кангалов.

Младинската работна акција Плачковица во Штип започнала со работа во месец април 1975 година. Со ова започна и изградбата на патот Штип – Плачковица во должина од 43 километри. Истиот симболично беше познат како Пат на младоста.

„Акцијата започна во јули месец, а во неа учествуваа седум бригади од разни градови од државата со околу 400 бригадири. Оваа прва акција беше повод, за во 1976 / 77 Плачковица да премине во Сојузна младинска работа акција. За овие четири години учествуваа 54 бригади и тоа од Македонија и тогашна Југославија.“ – вели Цацков.

Активностите по повод одбележување на јубилејни 50 години постоење на МРА Плачковица започнуваат во сабота во 11 часот, со собир пред штипската гимназија „Славчо Стојменски“.

Лаура Стојанова Ќирчов, М-Нет