Мостот „Иднина“ наскоро ќе добие дополнителна безбедносна ограда

Заменикот градоначалник на општина Штип, Јане Миланов за М нет денес ја образложи потребата за дополнитела доградба на безбедносна бариера  на  челичниот мост на реката Брегалница именуван како „Иднина“. Вградувањето на засилени безбедносни бариери ќе биде направено интервентно од страна на „Македонија пат“  соопшти заменикот градоначалник, според кој мостот во должина од  60 метри и широчина од десет метри во сегашната негова состојба ги исполнувал сите безбедносни стандарди и протоколи, но неодамнешниот трагичен настан кога излета возило  и при тоа загина триесет годишно момче ја наметнува потребата од дополнителна инфраструктурна безбедносна интервенција. Дали Македонија пат пред пуштањето во употреба на мостот ги имплементирала сите безбедносни бариери и дали  можело да се предвиди според конфигурацијата на теренот  предвремено вградување на дополнителни заштитни огради е прашање  на кое одговорот од надлежните е неутрален. Јане Миланов вели дека  безбедноста на граѓаните е на прво место, за таа цел денес се формира тим за интервенција кој ќе иницира поитно поставување на дополнителни заштитни огради. Новиот мост ја овозможи употребата на новата сообракајница која го поврзува градот со индустриската зона и излезот кон Скопје и Кочани. Оваа инфраструктура нуди шанса за побрз развој на економијата, за растеретување на метежот, побрзо  движење на работниците,студентите и граганите. Оваа инфраструктура беше промовирана како модерна овремена градба со уникатна конструкција која тежи 240 тони, а вкупната тежина на мостот со сите пропратни елементи изнесува 670 тони.

Маре Стојилова М нет

Дарко Лазев М нет