
За богата не, ама за скромна бадникова трпеза средства и можности ќе има, велат штипјани. Секој ќе се обиде да подоготви по нешто за да ја запази традицијата, а постарите и за да го соберат целото семејство дома за време на празниците. Едни сами ќе готват, други ќе порачуваат готови јадења, ама велат дека сега граѓаните сѐ повеќе се одлучуваат за порачки, што за некои е и по исплатливо.
Лепче со паричка, зелник, гравче, риба, сарма, овошје и јаткасти плодови се дел од јадењата кои граѓаните ги поставуваат на својата бадникова трпеза. Бадник е последен ден од постот, па се одбележува со посна трпеза. Сепак, и покрај храната, најважно е семејството да биде заедно и да го навести Христовото раѓање, па затоа постарите сѐ уште велат – кај и да си, за Бадник дома да си.
Бадниковата трпеза е симбол на сплотеност, заедништво и најавување на Радосната вест, која е раѓањето на Исус Христос.
Ребека Спасова М-Нет