Мицкоски: Македонските аеродроми се најбрзорастечки во регионот

Во рамките на денешниот настан за потпишување на Договорот за инвестициски грант обезбеден преку Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF) на Европската Унија, како и договорите за финансирање со Европската инвестициска банка (ЕИБ) и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) за изградба на железничката делница Крива Паланка – граничен премин Деве Баир, претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, одговараше на новинарско прашање посветено на бројот на патници на македонските аеродроми.

„Она коешто охрабрува се податоците коишто операторот на двата меѓународни аеродроми ги пренесе, истото тоа го пренесе и Министерството за транспорт, а тоа е дека двата аеродроми се најбрзорастечки во регионот по бројот на патници. Исто така и Светска банка во делот за туризам тоа го потенцира. Тоа е лоша вест за опозицијата и за оние нихилисти коишто гледаат како да не успее државата, но е добра вест за граѓаните и за сите оние коишто ѝ мислат добро на земјата, бидејќи тоа што го работиме 25 месеци полека се консолидира и полека покажува знаци на жилавост и на отпорност на сите овие кризи коишто се случуваа, а резултатите стануваат сè повеќе видливи.

Бројот на летови и бројот на патници во првите седум месеци веќе не е зголемен за 1, 2 или 3% споредено со претходната година, туку зборуваме за 20, 30 или 40%. Тоа е нешто коешто навистина е значајно и тоа нас нè мотивира да продолжиме во таа насока и во периодот којшто следи, бидејќи туризмот е еден од приоритетите на Владата. Можете да бидете сведоци што се случува посебно овие денови, овие недели би рекол, на нашиот туристички бисер, но и не само таму, туку насекаде на целата територија на земјата“, изјави Мицкоски.

Текстот Мицкоски: Македонските аеродроми се најбрзорастечки во регионот е превземен од МАКФАКС.