
Министерството за внатрешни работи извршило проверки во системот за гранична контрола за лицето Ива Михајлова, за кое е во сила активна судска забрана, при што било утврдено дека нема евидентиран излез од територијата на Македонија.
Дополнително, преку Заедничкиот контакт-центар со Република Бугарија, биле спроведени проверки и од страна на бугарската гранична полиција. Оттаму било добиено известување дека за Михајлова нема евидентиран легален влез на територијата на Бугарија.
Според податоците од граничните евиденции, последниот регистриран влез на лицето во Бугарија бил во септември 2025 година. Во октомври истата година, пак, е евидентиран нејзиниот излез од Бугарија, односно влез во Македонија.
Од МВР посочуваат дека проверките во граничните системи не покажуваат евидентирано напуштање на Македонија по наведениот влез, додека бугарската гранична полиција не располага со евиденција за нејзин легален влез во земјата.