
Со песната „Ти си ми се“, 23 годишната Марија Атанасова ќе се престави на овогодинешното издание на штипски Макфест. Таа е единствената штипјанка која ќе го прествавува градот на фестивалот на забавна музика. Многу поопуштено споредбено со претходната година, вели Атанасова, додавајќи дека подготовките веќе се во тек и се чека настапот во сабота.
„Најискрено, оваа година ми е многу поопуштено и се подготвуваме веќе неколку месеци. Подготовките се напорни, но се очекува крајниот резултат. Ќе се преставам со песна повторно со старата добра екипа“ – вели Атанасова.
Атанасова откри и новитети за овогодинешното издание на Макфест. Фустанот е исцртан од страна на дечињата од детската градинка „Астибо“, како и од дечињата со попреченост од дневните центри во Штип. Фустанот по настапот ќе се продава, а средствата ќе бидат донирани на децата со посебни потреби.
„За оваа година ќе ви откријам едно мало изненадување за фустанот што ќе го носам помогнаа дечињата од градинката Астибо од Штип, големата група и дечињата со попреченост од дневните центри овде во Штип. Цртаа на фустанот и со тој фустан ќе настапувам. Тој фустан ќе биде ставен на јавна аукција и финансиските средства кои ќе бидат собрани од продажбата ќе бидат донирани за децата со попреченост.“ – додава Атанасова.
Во петок и сабота ќе се одржи 39. издание на Макфест, во НУЦК „Ацо Шопов“ Штип.
Лаура Стојанова М-Нет