Мал Ајакс нема право на грешка со Каршиака во битката за влез во Првата футсал лига, Овче Поле гостува кај Партизан Југ, Балкан кај Кратово

ФОТО: КМФ Мал Ајакс

Екипата на Мал Ајакс ги загуби клучни натпревари од конкурентите со што тимот од Штип заврши на третото место и ја прокоцна бодовната залиха, иако штипјани и натаму се во трка за влез во Првата футсал лига, но сега имаат значителен притисок врз себе и не смеат да погрешат, а од друга страна Овче Поле и Балкан сакаат да ги сочуваат своите позиции за да обезбедат место во елитата.

19-тото коло на Втората футсал лига се отвара во сабота со два натпревари. Кратово на домашен терен ќе го пречека тимот на Балкан кој ќе важи за фаворит во натпреварот кој ќе се игра во Пробиштип. Екипата на ССК Скопје во Кисела Вода ќе го пречека тимот на Конзули од Битола.

Во недела екипата на Мал Ајакс на домашен терен во Спортската сала при СОУ „Коле Нехтенин“ ќе ја пречека екипата на Каршиака. Штипјани не смеат да погрешат во никој случај, а Каршиака е незгоден противник и ова ќе биде сериозен испит за Мал Ајакс на патот кон Прва лига.

Колото се затвара дури во понеделник со натпреварот меѓу Партизан Југ и Овче Поле, каде гостинот од Свети Николе кој сега е лидер на табелата ќе сака триумф и со тоа сочувување на првото место. Ланскиот прволигаш од Свети Николе сака експресно да се врати во Првата футсал лига.

Во Дебар екипата на Кораб ќе игра против СЕЕ Университи во меч каде домашниот тим ќе биде фаворит за трите бодови пред својата публика.

Во однос на табелата Овче Поле е прв со 40 бодови, а толку има и Балкан кој е втор. На третото место е Мал Ајакс од Штип со 39 бодови, потоа следува Кораб како четврти со 31 бод.

Александар Ванев, М-Нет