
Овој викенд ќе се одиграат натпреварите од третото коло на плеј-офот и плеј-аутот на ракометната Суперлига.
Веќе утре во рамки на плеј-офот Вардар ќе го пречека незгодниот Охрид каде домашниот состав ќе биде фаворитот, а охриѓани знаат да бидат тежок и тврд противник.
Во недела Тиквеш на домашен терен ќе ја бара првата победа во плеј-офот против Бутел, а пак скопскиот тим во Кавадарци ќе бара први бодови во плеј-оф сегментот.
Дербито на колото се игра во Битола каде ќе се соочат шампионот Еурофамр Пелистер и Алкалоид во директна дерби пресметка на двата конкуренти за титулата.
Во рамки на плеј-аутот екипата на Радовиш ќе ја бара првата победа, но и првите бодови во овој сегмент од натпреварувањето против Струга. Радовишни се без право на грешка бидејќи со пораз ќе се втурнат во многу комплицирана борба за директен опстанок и до крајот ќе си направат сериозен протисок. Струга со триумф во спортската сала „25 Мај“ ќе направи сериозен исчекор на патот кон директен опстанок.
Куманово на домашен терен ќе игра против Прилеп во меч каде и едни и други сакаат победа. Прилепчани одлично го отворија плеј-аутот со две победи во низа и сакаат уште една победа и мирна завршница од сезоната, додека пак Куманово сака победа после поразот во претходното коло од Струга.
Пролет како домаќин ќе бара победа против екипата на Борец ФЛ. Во претходното коло скопскиот тим загуби во Прилеп, а сега сака триумф и враќање на победничките патеки. Велешани се максимално мотивирани после големата победа над Радовиш и одат по нова победа.
Александар Ванев, М-Нет