Малиот групен дом за дечиња без родители во Штип активно работи 24/7 и во време на пандемија

Во зградата во населба „Пребег“ во Штип, активно работи малиот групен дом за деца без родители. И во време на пандемија овој групен дом им излегува во пресрет на најранливата категорија дечиња, односно на оние на кои им е најпотребно.

Овој мал групен дом започал со работа во 2019 година. Од Центарот за социјална работа Штип, ни потврдија за неговото започнување со работа како и начинот на кои се одвиваат активностите.

„ Малиот групен дом во Штип работи од 2019 година. Отворен е секој ден 24 часа 7 дена во неделата. Моментално згрижени се 5 дечиња, и истите се вклучени активно во образовниот систем, односно следат настава.“ – истакна директорката на Центарот за социјална работа Штип, Златка Иванова.

Оваа ранлива категорија на деца во овој дом ги има сите потребни услови за живот, со комплетно сместување, што вклучува храна, лична хигиена, облека, нега, грижа за здравјето и образованието.Во овој дом се сместуваат деца без родители и родителска грижа на возраст од три до 18 години. Во оваа зграда каде што се наоѓа овој мал групен дом се наоѓа и Дневниот центар за деца со аутизам.

Лаура Стојанова М-Нет