Македонија ЃП има незгодно гостување во Радовиш, соочување на Кожуф и Арсими, Брегалница го пречекува Борец

ФОТО: Александар Ванев, телевизија М Нет

Утре се играат натпреварите од вонредното 10. коло од Втората македонска фудбалска лига, кои ќе стартуваат во 13 часот.

Дербито на оваа рунда ќе се одигра во Радовиш каде ќе се соочат Детонит Плачковица и ланскиот прволигаш Македонија ЃП во меч каде трите бодови ги посакуваат и двете екипи. „Лавовите“ одново застанаа на врвот од табелата и сакаат нова победа која би била осма за да се зацврстат на врвот, а од друга страна Детонит Плачковица на домашен терен важи за незгоден противник, па „лавовите“ треба да бидат повеќе од внимателни против радовишани кои имаат четири ремија во низа и силно сакаат триумф кој за нив би бил само четврти.

Брегалница како голем фаворит ќе го пречека Борец од Велес во натпревар каде се освен побед за „сините“ ќе биде големо изненадување, затоа во Штип гостувањето за Борец ќе биде повеќе од тешко кон тоа да се забележи позитивен исход.

Поранешните прволигаши Скопје и Беласица ќе се соочат во Автокоманда на „Железарница“ во меч каде „пиратите“ ќе ја бараат дури втората сезонска победа, а пак струмичани сакаат трето славје и со тоа може да дојдат уште повисоко на табелата.

Во Македонска Каменица важен меч играат Каменица Саса и прилепска Победа натпревар каде трите бодови се силен предизвик и за двете екипи. Победа влезе во победнички ритам со две победи во низа и ја помина Саса на табелата, па затоа „рударите“ утре на домашен терен гледаат само победа како опција.

Неизвесно дерби или практично реприза на мечот од првото коло од Купот ќе се одигра во Гевгелија меѓу Кожуф и Арсими, но сега овој меч ќе има друга димензија. Во Купот двете екипи од втор план сакаа прогрес, па така Арсими стигна до историско четвртфинале, но сега двете екипи сакаат победа за да го напаѓаат третото место кое води кон баражот за Прва лига.

Осогово ќе бара излез од резултатската криза против одличниот Охрид кој е единствен тим моментално со пет од пет. Тренерската промена донесе позитивни вибрации во Охрид, а кај Осогово кој нема триумф на последните три натпревари носи притисок за трите бодови и второ сезонско славје.

Вардар Неготино игра клучен и важен меч за излез од длабоката резултатска криза против Новаци. Само трите бодови се опција, само победа е цел, се друго ќе биде нов голем неуспех за Вардар Неготино, кој само би се втуркал во длабока резултатска криза.

„Фенерџијата“ Вардарски на домашен терен ќе игра против Башкими во меч каде гостинот од Куманово е голем фаворит за трите бодови и продолжување на одличната форма во која игра тимот од Куманово.

Александар Ванев, М-Нет