
За просечно новогодишно пакетче од сопствениот буџет треба да издвоите околу 500 денари, за нешто полуксузно, пак, цените се движат и до 1200 или 1500 денари, а во краен случај има и такви кои чинат околу 1800 денари. Ваква ситуација констатираат граѓаните при посета на маркетите кога предновогодишно имаат нови трошоци, кои со растот на цените стануваат сѐ поголеми проблеми за нив. Повозрасните штипјани велат дека порано можело да се купи пакетче кое е достапно согласно со стандардот на живот. Децидни се дека и сега ќе купат нешто за своите внуци, но дека ќе им биде многу потешко да издвојат финансиски средства.
И инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство имаат повеќе работа во овој поглед. Периодов се спроведуваат засилени контроли во кои акцент е ставен на новогодишните пакетчиња, но тие проверуваат дали и колку се исполнети општите и посебните услови за безбедност на храната, означувањето и заштитата на потрошувачите од измама.
„Во овој период, акцент со контролите ставен е на новогодишните пакетчиња за деца при што се контролира рокот на употреба на производите кои ги содржат, како и означувањето. Со досега спроведените контроли не се утврдени недоследности од аспект на безбедноста кај оваа категорија производи. Кај некои оператори исклучок е означувањето на задолжителните информации, каде недостасуваат декларации на македонски јазик. Како одговорна институција за безбедноста на храната, апелираме до граѓаните да бидат одговорни купувачи и храна да купуваат од регистрирани/одобрени објекти кои се под контрола на инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство. Секоја недоследност во поглед на безбедноста на храната, граѓаните можат да ја пријават во Агенцијата, лично, телефонски на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22, или електронски на [email protected].“ – известуваат од АХВ.
Новогодишни пакетчиња набавуваат и институциите. Дури и главниот град, според јавната набавка и склучениот договор, годинава набавил пакетчиња кои просечно чинат по 1300 денари. Општините, пак, за оваа намена издвојуваат од 60.000 до 400.000 денари.
Ребека Спасова М-Нет