Министерот за социјална политика, демографија и млади, Фатмир Лимани, денес учествуваше на меѓународниот младински настан RinCamp 2026, кој се одржува во Република Албанија, каде беше панелист на сесијата „Европската интеграција во пракса: Предизвици и перспективи за младите во Северна Македонија“.
Во своето обраќање, Лимани истакна дека Северна Македонија и Албанија ја делат истата визија – полноправно членство во Европската Унија и создавање општества во кои младите ќе имаат причина да останат, да создаваат и да успеваат.
„Европската интеграција не е документ што се потпишува. Таа е процес што секојдневно го живееме преку реформите, владеењето на правото, еднаквите можности и создавањето подобри услови за живот на секој млад човек“, порача Лимани.
Тој нагласи дека младите не смеат да бидат само корисници на политиките, туку нивни активни креатори, посочувајќи дека Националната стратегија за млади 2023–2027 е резултат на инклузивен процес во кој активно беа вклучени младинските организации, локалните младински совети, студентите, средношколците и младите професионалци.
Министерот информираше дека Министерството за социјална политика, демографија и млади интензивно работи на зајакнување на партнерствата со агенциите на Обединетите нации, Делегацијата на Европската Унија, донаторската заедница, граѓанскиот сектор и останатите институции, со цел креирање одржливи и инклузивни младински политики во согласност со европските стандарди.
Осврнувајќи се на современите предизвици со кои се соочуваат младите, Лимани потенцираше дека денешниот пазар на труд бара дигитални компетенции, критичко размислување, комуникациски и лидерски вештини. Во таа насока, Министерството, во партнерство со меѓународни организации и преку европски програми, поддржува летни школи, обуки и практични програми кои ги подготвуваат младите за современите потреби на пазарот на трудот.
Посебен акцент во своето обраќање министерот стави на мобилноста како една од темелните европски вредности, но и на потребата од справување со одливот на човечки капитал.
„Мобилноста е можност за стекнување нови знаења и искуства, но нашата обврска е да создадеме услови младите да ја препознаат својата иднина токму во сопствената држава. Затоа ова прашање е интегрирано и во Националната стратегија за млади и во новата Национална стратегија за демографија“, истакна Лимани.
Тој потсети дека младите од Северна Македонија активно учествуваат во програмите Erasmus+, European Solidarity Corps (ESC), RYCO, EU4Youth и други европски иницијативи кои придонесуваат за развој на нивните знаења, вештини и меѓународни партнерства.
Говорејќи за регионалната соработка, министерот нагласи дека земјите од Западен Балкан не треба да се гледаат како конкуренти, туку како партнери кои заеднички ја градат европската иднина.
„Кога млад човек од Скопје разговара и соработува со свој врсник од Тирана, Приштина, Подгорица или Сараево, се создаваат пријателства, идеи и партнерства кои утре ќе прераснат во заеднички компании, научни проекти, културни иницијативи и европски успеси“, рече Лимани.
Во рамки на панел-дискусијата, министерот посочи дека можноста за достоинствен живот, стабилно вработување, домување и формирање семејство претставуваат клучни предуслови младите да останат и да ја градат својата иднина во Северна Македонија.
На крајот од своето обраќање, Лимани упати порака дека европската интеграција не треба да се гледа само како процес на усогласување со европското законодавство, туку како можност за изградба на поквалитетни институции, поконкурентна економија и општество со еднакви можности за сите млади.
„Често велиме дека младите се иднината. Јас верувам дека тоа не е доволно. Младите се и сегашноста. Ако денес не ги вклучиме во носењето одлуки, утре ќе биде предоцна да очекуваме тие да ја носат одговорноста за нашите општества. Да не ја чекаме европската иднина. Да ја создадеме заедно – денес!“, порача Лимани.
Текстот Лимани: Европската иднина не треба да ја чекаме, треба заедно да ја создадеме е превземен од МАКФАКС.