Во Собранието одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница

По повод 11 Јули – Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница, во Собранието се одржа комеморативен настан со кој беше оддадена почит на жртвите и беше испратена порака за зачувување на историската меморија, мирот и соживотот.

На настанот се обратија претседателот на Собранието, Африм Гаши, проф. Ферид Мухиќ, претставникот на Бошњачкиот национален сојуз, Џевад Хот, и претседателот на Комитетот за односи меѓу заедниците, Аднан Азизи.

Во своето обраќање, претседателот Гаши истакна дека геноцидот во Сребреница претставува еден од најголемите неуспеси што оставил траен и темен белег врз човештвото. Тој нагласи дека геноцидот не започнува со звукот на оружјето, туку со рамнодушноста кон насилството, додавајќи дека токму затоа улогата на институциите е од суштинско значење. „Институциите ја добиваат својата вистинска смисла само тогаш кога ги штитат основните човекови вредности и достоинството на секој човек“, порача Гаши.

Проф. Ферид Мухиќ направи историски осврт на настаните што довеле до геноцидот во Сребреница, оценувајќи дека претставува пораз за целиот Балкан. Тој истакна дека геноцидот не е случаен настан и повика да се надминат омразата и поделбите преку негување на хуманоста.

Џевад Хот истакна дека Сребреница не е само географско место, туку симбол на тоа до каде може да доведе човечката омраза кога пропагандата ќе ја замени вистината. Тој нагласи дека овој ден треба да биде потсетник за образовните институции да говорат за опасностите од дискриминацијата, да ја негуваат културата на сеќавање и да ги охрабруваат младите да ги препознаваат првите знаци на нетолеранција и да го штитат достоинството на секој човек, без разлика на неговата вера, пол или етничка припадност.

Аднан Азизи, истакна дека Сребреница претставува рана што не заздравува и потсети дека зад бројките стојат човечки животи. Во Сребреница не било нападнато само едно население, туку самото човештво. Осврнувајќи се на мултиетничкиот карактер на нашата држава, Азизи нагласи дека соживотот и меѓусебната почит се чуваат преку силни и одговорни институции, упатувајќи порака дека споменот на жртвите никогаш нема да биде заборавен.

Текстот Во Собранието одбележан Меѓународниот ден на сеќавање на геноцидот во Сребреница е превземен од МАКФАКС.