
Колапси и дехидратација е најчеста ситуација поради која граѓаните бараат помош од Итната медицинска помош. Овие денови кога се наоѓаме во портокалова фаза важно е да се внесуваат доволно течности, со цел да се надохнадат изгубените, советуваат лекарите. Овие денови на високи температури децата се во училишните клупи. Докторот Живков од Итната медицинска помош истакна дека до овој момент немаат регистрирано случај на ученик или наставник од основните училишта кој има доживеано колапс.
„Откако започнаа повисоките температури немаме пријавено настан кој што се однесува на регионот на Општина Штип кој што е евидентиран на ниво на основните општински училишта.“ – изјави Живков
Посочиа дека превенцијата е многу важна пред да дојде во момент кога е потребна медицинска помош. Важно е да се зголеми внесот на течности, да се носи лесна облека и во светли бои. Да се внимава на внесот на храна односно да се намали внесот на високо калорична храна, во исхраната да се внесе поголема количина на зеленчук и овошје.
„Паниката никогаш не е пожелна меѓутоа претходно во медицината велиме дека превенцијата е најважна. Пред да дојде до тој момент за потреба од итната медицинска помош, тоа опфаќа зголемени количества на течности во периодот кога имаме високи температури со што значи дека хидратацијата на децата е најважна затоа што во нивната возраст поготово на овие температури честите причини се колапс, дехидрацијата. Треба да се носи лесна облека, внимавање околу внесот на храна, внесување на помалку оброци однсоно помала количина во почести интервали. Овошјето и зеленчукот да биде застапено, а да се избегнува високо калоричната исхрана.“ – додава Живков
Од Итната медицинска помош истакнаа совети и начини како да се делува во колапс состојба. При свесна сосотојба треба да се внесат течности со цел да се надохнадат изгубените течности при потење. Во состојба кога лицето е во несвесна состојба важно е да биде свртено настрана и да се проверат виталните знаци.
„Доколку се наоѓа во свесна состојба тогаш се применуваат раствори кои ќе се надохнадат изгубените течности поради зголеменото потење, а доколку е во несвесна состојба лицето треба да биде свртено настрана и да се проверат виталните параметри.“
Пред да се започне со укажување на прва помош важно е да се обратат на бројот 194 и да побараат медицинска помош.
Лаура Стојанова, М-Нет