
Значително зголемување на бројката по извесна стагнација констатираат матичните лекари во врска со позитивните на Ковид – 19. Тие се со став дена најавуваниот бран, можеби, доаѓа и порано од очекуваното, па иако станува збор за пациенти со полесни симптоми, потсетуваат на почитување на мерките за поголема заштита.
„Минатата недела забележавме значително зголемување на бројката којашто беше во стагнација добри два – три месеца, спорадични еден – два. Меѓутоа, во нашата ординација од пациентите што гравитираат имавме околу десетина позитивни. Реално беа со лесна симптоматологија: затнат нос, кашлица, температура која не беше многу висока. Немавме хоспитализации, сега засега, од сите старосни групи се опфатени. Значи, од 30 години па нагоре. Можеби, придонесе и опуштањето на мерките. За нашите сограѓани кои се надвор од Македонија, а се враќаат во периодот на летните годишни одмори не се бара потврда ниту за влез, ниту за излез“, истакна д-р Валентина Митрова, специјалист по општа и семејна медицина.
Д-р Митрова додава дека граѓаните, веројатно, се навикнаа на вирусот, којшто, можеби, ќе остане, па не внимаваат ногу, а тоа што некои статистики покажуваат дека повеќето позитивни се реинфекции и вакцинирани граѓани, не значи дека треба да не се почитуваат препораките.
„Една статистика, којашто ние внатрешно ја водиме, покажува дека поголем број од новопозитивните се реинфекции од пред година или година и пол и пациенти коишто се комплетно вакцинирани. Со ова сакам да нагласам дека не треба да се опуштиме и треба да се почитуваат основните препораки коишто важат“, додава Митрова.
Во меѓувреме, вакцинацијата со четврта доза вакцина се одвива и во штипскиот вакцинален пункт, меѓутоа истата може да ја примат само околу 7500 граѓани, бидејќи толкава е бројката на оние кои примиле трета доза.
„Од минатата недела евидентен зголемен интерес за четврта доза, интересот е зголемен по донесувањето на препораки од Комисијата“, вели д-р Дијана Коцева – Миланова, координатор за вакцинација.
На дневно ниво четврта доза се аплицира кај триесетина пациенти, претежно повозрасни и хронично болни. Штипскиот вакцинален пункт располага со доволно „Фајзер“ вакцини, а во најава е пристигнување и на вакцината „Модерна“.
Ребека Спасова М-Нет