Ланскиот второлигаш Локомотива Пехчево наскоро со ново име Академија Илинден – младите играчи во прв план!

Ланскиот второлигаш Локомотива Пехчево кој сега се натпреварува во Трета лига – Север, наскоро ќе настапува под ново име односно Академија Илинден.

Дека навистина е академија говори фактот што овој клуб оваа сезона се натпреварува со млади талентирани фудбалери родени 2004, 2005, 2006, 2007 и со просек од 17 и пол години е навистина за поздравување.

Минатата сезона имаше разни шпекулации во фудбалските кругови околу можна фузија на Локомотива и Фортуна, но тоа не се случи бидејќи Локомотива испадна од Втората македонска фудбалска лига, иако до последно коло се бореше да го обезбеди опстанокот во второлигашкото друштво. Со оглед дека Локомотива Пехчево настапува во Трета лига – Север каде што настапува и Фортуна интересот за можна фузија на двата клупа повеќе го нема.

Претседателот на клубот, Исак Арифи кој инаку има голема љубов кон фудбалот го организираше клубот за натпреварување во Трета лига – Север, а се тоа се случи со еден повик од Мишо Марковски претседател на ФК Илинден и поранешниот селектор Никола Илиевски – Џиџи за работен состанок на кој паѓа одлуката клубот да продолжи во населба Илинден.

Стратегијата на клубот и заложбата на клубот ќе биде да им се помогне на млади фудбалери кои преку оваа академија во сениорска конкуренција ќе успеат да го подигнат својот квалитет и да завршат во европски клубови, а за тоа е задолжен координаторот за спортскиот дел во клубот Никола Илиевски – Џиџи со неговата програма која е гаранција за успех.

Мишо Марковски кој поголемиот дел од животот го поминал на спортските терени му се оствари желбата за академијата која веќе има зацртан план за 2024 година, Заедно со Дејан Стојановски и неколку легенди на клубот се гаранција дека овој клуб ќе успее.

Според планот клубот ќе ангажира дополнителни 4 до 5 талентирани млади фудбалери родени 2005, 2006, 2007 или 2008 за да ја подигне конкуренцијата во своите редови.

Клубот има во план по завршувањето на првенството да учествува на два турнири во месец мај во Словенија и Австрија.

Како што дознава телевизија М Нет во месец јуни годинава ќе се организира за првпат интернационален камп „Илинден 2024“ каде учество ќе земат фудбалери од генерација 2006, 2007, 2008, 2009 и 2010 година. Ќе биде вклучен и скаутинг тим под водство на координаторот Никола Илиевски – Џиџи и ќе бидат присутни по еден скаут од Шпанија, Англија, Франција, Германија и Италија. Овие се првични информации, а во текот на следниот период ќе има подетални информации околу целата оваа организација.

Најдобрите тројца од секоја генерација на „Илинден 2024“ ќе имаат можност да бидат скаутирани и да направат и интернационална кариера, што е главна цел на овој камп.

„Како клуб бараме институциите односно Агенцијата за млади и спорт да помага максимално во нејзините можност, а молба до Фудбалската федерација на Македонија на сите клубови во Третата лига да им помогне со уредување на терените со цел подигање на условите за одигрување на натпревари. Сезонава се натпреваруваме на неколку терени кои за жал не ги исполнуваат условите, токму затоа и бараме од ФФМ да се вклучи барем со минимална помош околу санирање на терените“, велат од управата на Академија Илинден.

Александар Ванев, М-Нет