
Утре се игра вонредното 22. коло од Првата македонска фудбалска лига кое ни ја носи и директната дерби-пресметка помеѓу лидерот Струга Трим Љум и актуелниот шампион Шкупи.
Струга во пролетниот дел тргна со две ремија против Тиквеш и Македонија Ѓорче Петров, а тоа беше причина и за тренерска смена. Струшкиот прволигаш го назначи Шпетим Дуро за нов тренер, кој го наследи Срѓан Захариевски, а своето деби ќе го има утре против Шкупи.
Шкупи прокоцка две шанси да избие на врвот од табелата, откако најпрво загуби од Силекс во Кратово (2:1), а со Академија Пандев одигра нерешено (3:3) во Кичево, па со триумфот над Шкендија во Кичево (2:0), „гулабите“ се втори со бод помалку од лидерот Струга.
Фудбалерот на Струга, Бесарт Кривањева, вели дека натпреварот против Шкупи ќе биде еден од најтешките натпревари.
“Натпреварот против Шкупи ќе биде еден од најтешките натпревари. Играме против актуелниот шампион, така што пристапот и сериозноста на тимот мора да бидат на високо ниво. Работевме многу добро со новиот тренер Шпетим Дуро овие денови, па силно веруваме дека со максимална посветеност ќе успееме да го добиеме она што го сакаме“, вели Кривањева.
27-годишниот Кривањева ќе игра против својот поранешен тим, а дресот на Шкупи го носесе во период од 2017 до 2021 година.
“Вистина е дека поминав многу убав период во Шкупи, но ниe сме професионалци, во моментов ги бранам боите на Струга Трим Љум и ќе дадам се од себе за овој дрес, за на крај да го извлечемe најдоброто од овој натпревар и да продолжимe да бидемe први во рангирањето“, рече Кривањева.