Крај на една златна ера: Владо Милев се повлекува од ОК Струмица

Одбојкарскиот клуб Струмица ја затвори една од најуспешните и најзначајни ери во својата историја. По долгогодишно водство исполнето со трофеи, визија и европски проекти, Владо Милев одлучи да се повлече од клубот – и од функцијата претседател и како активен играч.

Милев, поранешен репрезентативец на Македонија и дел од генерацијата која го оствари најголемиот успех во историјата на македонската одбојка, зад себе остава импресивно наследство. Како потпретседател на Одбојкарската федерација на Македонија и лидер во ОК Струмица, тој воспостави систем на работа кој донесе континуиран успех во сите возрасни категории.

Под негово водство, Струмица редовно ги освојуваше шампионските титули кај пионерите, кадетите, младинците и сениорите – резултат кој ретко се среќава во домашниот спорт и кој ја потврдува стабилноста и квалитетот на клубската структура.

Еден од најзначајните моменти во неговиот мандат беше реализирањето на соработката со полскиот и европски шампион Jastrzębski Węgiel – проект од историско значење за македонската одбојка. Преку ова партнерство, младите одбојкари добија можност да тренираат во врвни европски услови, додека тренерскиот кадар се стекна со знаења од некои од најреномираните тренери во светот, што веднаш се одрази на резултатите на теренот.

Покрај претседателската функција, Милев истовремено беше и лидер на теренот, настапувајќи како главен играч и привлекувајќи квалитетни странски одбојкари кои го подигнаа нивото и конкурентноста на тимот. Неговиот професионален пристап, посветеност и интегритет станаа пример за играчите, тренерите и младите генерации во клубот.

Струмица, благодарение на неговата визија, стана препознатлива и надвор од границите на Македонија, преку учество во меѓународни и Еразмус проекти, со што клубот доби стабилен систем и европска перспектива.

Одлуката за повлекување, како што е соопштено, е донесена по внимателно размислување и во согласност со личните принципи и вредности на Милев, поради различни визии и пристапи во понатамошното управување со клубот.

Сè што беше постигнато во изминатиот период останува како трајна вредност и силен темел за иднината. ОК Струмица изрази голема благодарност за неговиот придонес кон клубот, градот и македонската одбојка во целина.

Една ера заврши, но наследството останува.
Еден број, една легенда – 13.