
Маката ги собра граѓаните кои имаат викендици над Мирјанина црква во Штип кон местото викано Чурлин на едно место. Секојдневно се соочуваат со сликата на разбиени ѕидови и украдени вредни предмети од нивните викендички. Пред камерите на М-Нет телевизија со тага и солзи во очите раскажуваат како се што инвестирале пропаѓа во вода, бидејќи решение за нивните проблеми нема. Во последната недела дена нема куќичка која не е ограбена и разбиена. Крадците врвот го достигнале кога на Борче синоќа му ја однеле и плотната од шпоретот на дрва.
„Право да ви кажам ова е вистинско разочарување за мене. Кога дојдев и кога видов разбиено, плачеше ми се. Земеш да инвестираш овде и да дојде некој да ти го украде, од тоа полош нема“
„Последните пет – шест дена константно секој ден имаме кражби во реонот од Отиња до место викано Чурлин. Значи, секој ден нема вила да не е разбиена. Последните неколку дена се повеќе се крадат метални предмети, меѓутоа има и моторни пили одземени, акумулатори и слично“
Тамошните жители велат повеќе пати пријавуваат во полиција, меѓутоа решение на виделина се уште нема. Бараат поставување на контролни екипи со што крадците не би се осмелиле да „оперираат“ толку често.
„Редовно пријавуваме, но решение до сега нема. Моментално како што изгледа целата ситуација ова е апсолутна институционална незаинтересираност“
Екипа на полициски службеници од СВР Штип беа на местото на настанот денеска, по пријавата од страна на граѓаните. Прашавме и таму колку кражби на овој регион се пријавени во последната недела и какви активности ќе се преземаат.
„Во последните седум дена има пет пријави од граѓани за сторено кривично дело „тешка кражба“ во местото викано Чурлин. Полициски службеници од СВР Штип се на терен и денеска и се преземаат активности за пронаоѓање на сторителите на делото. СВР Штип работи во корист на граѓаните и се преземаат сите активности за ваквите дела да бидат минато“ – кажаа од полицијата.
Инаку, пред два дена односно ноќта пред празникот Богојавление Водици со иста ваква слика се соочи и домаќинот на манастирот Воскресение Христово, каде исто така преку разбиени ѕидови, прозори и врати се краделе предмети од манастирот.
Лаура Стојанова М-Нет