Кочанскиот клуб „Нико“ со најдобри резултати на Државниот натпревар во реален аикидо

Кочанскиот клуб „Нико“ и клубовите „Маруи“ и „Пелистер“ остварија најдобри резултати на Државниот натпревар во аики демо, кој викендов се одржа во салата на Основното училиште „Никола Карев“ во Кочани. Стотина учесници од клубови од Македонија и регионот зедоа учество и на семинарот во реален аикидо, кој се одржа истиот денм, а на кој демонстратори без познати мајстори во аикидо од државата и странство.

„Присутни се мајстори од цел Балкан, од цела Европа, вклучувајќи ги од Србија, Грција, Бугарија и сите наши клубови од Македонија. Водачи на Семинарот се мајстор Владо Паловиќ од Лозница, Република Србија, еден од најголемите клубови во Европа, кои брои моментално околу 400 активни членови. Потоа, овде е претседателот на Аикидо федерацијата на Македонија со неговиот клуб од Битола – „Пелистер“. Имаме од повеќе клубови, врвни мајстори кои се водачи на Семинарот“, вели Гоцев.

Кочанскиот клуб „Нико“ со тренинзи започна пред десет години и за овој период прерасна во најголем клуб за реален аикидо во земјава. За време на пандемијата затворени се секциите во општина Чешиново-Облешево, но членовите тренираат во Кочани. Сега тенденција е да се отворат секции во Виница, Македонска Каменица и Штип. Во моментов брои 130 активни членови.

„Славиме 10 години од постоењето на Клубот „Нико“ којшто за десет години прерасна во огромен клуб и сметам дека тоа е на задоволство на цела наша Федерација. Покрај тоа што ќе имаме семинар, ќе одржиме и полагање за појаси, а потоа имаме и натпревари во дисциплината аики демо“, вели Ѓуро Илиќ, претседател на Аикидо федерацијата на Македонија.

Освен Семинарот и Државниот натпревар, во салата се спроведе и полагање за појаси на натпреварувачи. Клубот за реален аикидо и Кардио фитнес „Нико“ од Кочани, посочува претседателот Гоцев, одржува тренинзи и е отворен за сите категории млади и возрасни.

Ребека Спасова М-Нет