Љупчо Димитковски – Гањо е нов тренер на третолигашот Борец

Некогашниот прволигаш Борец за пролетниот дел од Третата македонска фудбалска лига – Југ ангажираше нов тренер. Љупчо Димитковски – Гањо ќе биде нов предводник на велешката гордост која сега игра во Трета лига – Југ, а во пролетниот дел популарниот Гањо ќе има за задача да го освои првото место и да игра бараж за враќање во Втората лига.

Досегашниот тренер Александар Пановски се повлече од тренерското столче поради приватни обврски, но останува во Борец и во иднина.

Димитковски во минатото го водеше некогашниот прволигаш Хоризонт Турново, екипа со која се избори за излез во Европа, ги водеше Тиквеш, Плачковица, некогашниот прволигаш Еуромилк, Кожуф, Каменица Саса, а последниот негов ангажман беше во Вардар Неготино.

Борец во две сезони испадна од Прва лига, веднаш потоа и од Втора лига и заврши во Трета лига – Југ, и сега се бори за експресно враќање во Втората лига.

Борец заврши на второто место со 23 бодови два помалку од лидерот Големо Коњари.