Кочанската библиотека го одбележува Меѓународниот ден на книжевност за деца

Кочанската библиотека „Искра“ со неделна програма по повод Меѓународниот ден на книжевноста за деца, 2 април. Денеска имаше промоција на две книги и ликовна работилница, а за следните денови предвидени се низа работилници, саеми, промоции и изложби. Целта – да се поттикнат децата да читаат книги уште од најмала возраст и да другаруваат со пишаниот збор.

Проектот се реализира веќе 11 години, а веќе 6 години е проект од национален интерес, вклучен во програмата која ја финансира Министерството за култура.

„ЈОУ Библиотека „Искра“ од Кочани денеска започнува со реализацијата на проектот „Славење на Меѓународниот ден на литературата за деца, Другарувањето со книгите ни е песна – Фестивал на децата, книгите и музиката“. Тоа е програма којашто има своја реализација веќе 11 години по ред, а со поддршка од Министерството за култура како проект од национален интерес во културата веќе 6. година по ред. Реализацијата е во соработка со сите пет основни училишта во Кочани, детската градинка „Павлина Велјанова“, основното музичко училиште „Ристо Јуруков“, НУЦК „Бели Мугри“ Кочани, а од оваа година и со Меѓуопштинскиот центар за социјална работа од Кочани. Сите заеднички работиме на програмата за да ги вклучиме децата да го креираат активниот живот во заедницата“, истакна Магдалена Кочовска Салтирова, виш библиотекар.

Во рамки на програмата, утре ќе биде промовирана и книгата „Моите приказни“ од писателот за деца Киро Донев, а промотор ќе биде проф. Ана Витанова – Рингачева. Во четврток, пак, стручно излагање за есенцијалните вредности на книжевноста за деца ќе има проф. д-р Кристина Николовска, кога ќе биде промовирана и книгата „Дете – колку тоа гордо звучи“, чиј промотор ќе биде проф. д-р Весна Мојсова – Чепишевска. Во петок промоција на книга ќе има и црногорскиот писател за деца Жарко Вучиниќ, добитник на наградата „Малиот принц“.

Ребека Спасова М-Нет