Кочани – пред реконструкцијата улицата „Плачковица“ добива нова водоводна мрежа

Проблемите со недоволниот притисок и недостигот на вода за жителите во зоната над Автобуската станица во Кочани ќе се надминат со реконструкцијата на улицата „Плачковица“.  Старите, дотраени цевки со мал профил ќе се заменат со нови.

– Работиме на поставување на главната мрежа на „Плачковица“, во должина од околу 300 метри. Индивидуалните приклучоци се изведени до тротоарот. Старата водоводна линија сѐ уште е во функција, така што потрошувачите не се изложени на прекин на водоснабдувањето. Очекуваме новата водоводна линија да профункционира за една седмица – информира Давор Стојмилов од КЈП „Водовод“.

Според програмата за уредување на градежното земјиште за 2020 година, улицата „Плачковица“ е една од седумте предвидени за реконструкција.

 Градежни работи се одвиваат и на „Четврта македонска бригада“ каде ќе се реконструираат 260 м, а за реконструкција се планирани и  два крака на улицата „Маршал Тито“, потоа улицата „Илинденска“ во должина од 250 м, „Коста Рацин“  – 220 м и „9 Мај“ каде за реконструирање има 570 м.

До крајот на 2020 година ќе се реконструираат и улиците „Раде Кратовче“ на потегот од плоштадот до Бавчалукот и „Гошо Викентиев“.

Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески неодамна најави дека од Светска банка е одобрен првиот тендер за реализација на проектот за изградба и санација на локални улици и патишта во општините, вреден вкупно 70 милиони  евра.

Дел од тие средства ќе бидат наменети за рехабилитација на левиот крак на улицата „Тодосија Паунов“, за што деновиве ќе биде распишана јавна набавка. Градежните работи ќе опфатат и реконструкција на тротоарот на овој потег.

БИЛЈАНА ПОСТОЛОВА / МНет