
За нова клиничка болница во Штип треба да има поинтензивни активности во Министерството за здравство, вели премиерот Ковачевски, бидејќи секое одложување го отежнува проблемот. Сепак, во однос на рокот, не дава конкретни информации, туку посочува дека договор треба да има со изведувачот, а, веројатно, ќе треба да се направи и ревидиран проект кога веќе имаат појасна слика за ситуацијата.
„Од почетокот на градбата и одобрувањето на буџетот и склучувањето на договорот поминато е толку време, а вие гледате какви се цените на градежните материјали, на суровините, пред сѐ заради војната во Украина и растечката инфлација, работната сила итн. Ние имавме состанок со Министерството за здравство, тие ќе треба да се видат со изведувачот, којшто, пак, сега е во сопственост на други сопственици и врз основа на постојниот договор со него да најдат решение и начин како зградата, којашто е во габарит направена, да може да се доврши, да се опреми и да профункционира како Клиничка болница, тука, во Штип“, истакна Ковачевски.
Ковачевски напоменува оти тоа е наследен проблем од претходната Влада, но посочува и на јасните причини за одложувањето, односно на судските проблеми со изведувачот и подизведувачот на градежните активности.
„Ние се соочуваме со наследен проблем, односно со решавање на проблем којшто беше оставен од претходната Влада, а тоа е дека изведувачот на работите повеќе не постои, со подизведувачот имаа неподмирени финансиски обврски, беа на суд и постигнаа извесно судско решение“, додаде Ковачевски.
Во меѓувреме, жителите од Источниот Регион повеќе од пет години чекаат да се изгради новата современа болница. Банката на Советот на Европа поради бавното одвивање на процесот го стопира финансирањето со што не ги исплати преостанатите 13,45 милиони евра. Минатата година штипски „Бетон“ и грчки „Интракат“, пак, направија и вонсудски договор, со што „Бетон“ по тригодишниот судски спор се откажа од каматите и прифати долгот да се исплаќа на рати.
Ребека Спасова М-Нет