Ковачевски и Николовски на пазар во Делчево, свечено се отвори новиот градски пазар

Премиерот Ковачевски и министерот Николовски пазаруваа на првиот пазарен ден од новиот градски пазар во Делчево. Во изјавата Ковачевски посочи дека работат на рамномерен регионален развој, а новиот пазар ќе има значење на економски центар во градот и регионот.

„Делчево го има најубавиот пазар во цела држава. Новиот пазар има отворен и затворен простор со сите потребни критериуми за соодветно чување и продавање на храна и на земјоделски производи. Тоа значи подобри услови како за земјоделските производители, за продавачите, така и за купувачите. Во рамките на градскиот пазар ќе работат 18 дуќани и 192 продажни пунктови“, истакна Ковачевски.

Пазарот беше отворен со свечен настан, а отворањето симболично го реализираа градоначалникот Трајковски и жителка на Делчево која долги години продава на градскиот пазар. Трајковски посочи и на други проекти кои се реализираат во моментот, а кои се во насока на подобрување на условите во пазарот.

„Во моментот се градат 3500 м2 паркинг и улица со цел кружно сообраќајно поврзување на пазарот. Вредноста на овие работи е околу 5.000.000 денари, а средствата се обезбедени преку Буџетот на Општина Делчево. Претходно изградивме и две улици кои водат кон пазарот, а го поврзуваат и новоизградениот пешачки мост на река Брегалница и создаваат една сообраќајна комуникација, современа, исклучително потребна за сите граѓани“, истакна Трајковски.

Министерот Николовски, пак, ја искористи приликата да ги наведе програмите на ресорното Министерство наменети за земјоделците, а најави и дека ова лето ќе започне реализацијата на ИПАРД 3 програмата.

„Оттука најавуваме дека покрај со државните средства, покрај со националниот буџет во новата ИПАРД 3 програма, којашто ја започнуваме во текот на ова лето како прва земја од регионот со буџет којшто е 60% зголемен од Европската комисија затоа што сме лидери и се гордееме за искористеноста на средствата на ИПАРД во оваа програма, каде што општините за првпат ќе може да бидат корисници“, посочи Николовски.

Новиот градски пазар во Делчево е инвестиција вредна 45.000.000 денари, од кои 50% се обезбедни од Општина Делчево, а останатите се од Владата преку Платежната агенција и Центарот за развој на Источниот плански регион. Со одлука на делчевскиот Советот пазарот е даден на трајно користење на Јавното комунално претпријатие „Брегалница“.

Ребека Спасова М-Нет