Клиничка болница Штип со целосна поддршка за здружението „Доктор Симон Василев“

Клиничка болница Штип со целосна поддршка за новоформираното здружение „Доктор Симон Василев“. Директорот на болницата, доктор Ален Георгијев за М-Нет телевизија потрвди дека и болницата како установа и лично тој како поединец целосно застануваат позади ова здружение, со средства кои се во можност да се издвојат,. со цел да се продолжи по стапките на доктор Василев.

„Доктор Симон Василев беше дел од Клиничка болница Штип, тој веќе беше готов хирург, требаше да работи кај нас, но се случи тоа што се случи. Но, еве се формираше здружение, добро е што го носи неговото име и што ќе доделува стипендии. Ние ќе иницираме во наредните денови средба со претставници на тоа здружение да видиме, секаде ние како Клиничка болница можеме да помогнеме во неговите планови и активности, па и јас лично и сите наши колеги во болницата со сѐ срце ќе се вклучиме во помош на тоа здружение, сѐ со цел да продолжиме онаму каде застанал нашиот колега“ – кажа Георгијев.

Здружението „Доктор Симон Василев“ започна да работи од вчера, а со средствата ќе се доделува стипендија на студенти по општа медицина кои ќе покажат добар успех, а се од социјално загрозени семејства или деца без родител/и. Заинтересираноста за донација на граѓани, пријатели и родини е голема, целта единствена да се продолжи по стапките на доктор Василев.

Лаура Стојанова М-Нет