
Кина секогаш е на страната на правдата и мирот беше одговорот на кинескиот амбасадор при посетата на Штип во врска со конфликтот меѓу Русија и Украина. Како што потенцираше тој, откако ескалираше состојбата во Украина, Кина се залага за мировни преговори и секогаш е на страната на правдата. Тој порача да запре војната, а да продолжат мировните преговори.
„Кинескиот претседател Си Џинпинг размени мислења со повеќе негови колеги, вклучувајќи ги и ЕУ лидерите, францускиот претседател Макрон, германскиот канцелар Шолц, рускиот претседател Путин и претседателот на САД, Бајден. Главната порака на кинескиот претседател е дека тој е убеден дека Кина секогаш ќе биде важен фактор во обезбедување на светскиот мир. Кина исто така предлага решавање на украинското прашање“, вели Ѕуо.
Долготрајното решение кое го нудат тие може да се постигне само преку мировнии преговори, со што би се запрела војната и би се спречила кризата и не би имало цивилни жртви. Санкциите нема да донесат мир, смета кинескиот амбасадор.
„Долготрајното решение на кризата според нас е, да се отфрли менталитетот на Студената војна и блоковската конфронтација. Уште една работа која сакам да ја нагласам е дека санкциите нема да донесат мир и стабилност. Санкциите само ќе им наштетат на економиите на многу земји и ќе влијаат врз стандардот на граѓаните од овие земји, кои ќе ја платат цената на геополитиката и на конфронтацијата на големите сили“, рече Ѕуо.
Амбасадорот е со став дека Амбасадата на Кина ќе продолжи да соработува со граѓаните и Владата во земјава за да се олеснат преговорите и да се креира безбедносен механизам во Европа.
Ребека Спасова М-Нет