Квалитетот на Макфест опаѓа – велат од Министерството за култура за доделената сума

Финансиските средства се намалени оти опаѓа квалитетот на Макфест – Министерството за култура во писмено соопштение образложува зошто на Фестивалот за забавни мелодии на Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата во делот музички манифестации и фестивали му се доделени 400.000 денари.

„Стручната комисија за музичко-сценска дејност, во своето оценување на Фестивалот на забавни мелодии „Макфест“, манифестацијата ја бодувала согласно со описот во пријавата. Комисијата го поддржа Фестивалот во ист износ како и минатата година со истото образложение, дека оваа сума е доволна како поддршка од Министерството за култура, за манифестацијата која се одржува на снимена лента, без трошоци за оркестар и изведба во живо, со што и опаѓа квалитетот на истата.“

Макфест и минатата година се одржа без поддршка од Министерството за култура, бидејќи и тогаш Општина Штип не ја прифати доделената сума. Фестивалот за првпат беше од ревијален карактер, без награди и победници. На сцената во Штип, односно во Домот на култура „Ацо Шопов“ на Фестивалот во 2022 година настапија околу 25 изведувачи во двете вечери.

Лаура Стојанова М-Нет