
На прес конференција денеска ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип, истакна дека ќе поднесе пријава до државната комисија за спречување на корупција, заради фамилијарни вработувања на одредени личности и тоа не заради способноста туку поради членство во СДСМ.
„Синот од правник во Клиничка болница, унапреден во Раководите во Општина Штип.
Таткото поранешен советник, а сега претседател на Управен одбор на ЈП„Исар“.
И најново, мајката вработена во истото тоа јавно претпријатие. Фамилијарни вработувања и унапредувања и тоа не поради способноста, туку единствено поради нивното членство во СДСМ. За само две години членовите на семејството Вацеви смениле неколку институции и неправедно ги унапредиле. Ова познато Социјалдемократско семејство заборавило една клучна работа. Согласно Законот за спречување на корупција и судир на интереси и согласно Законот за јавни претпријатија, таткото како претседател на Управен одбор на ЈП „Исар“ има судир на интереси со вработувањето на сопругата во ЈП„Исар““ – беше дел од изјавата на ОК на ВМРО ДПМНЕ Штип.
Од ОО на СДСМ одговорија дека непотизамот и богатењето на функционерите било одлика на ВМРО ДПМНЕ, кои наместо интересите на граѓаните, ги интересираа само бизнис интересите на нивните функционери.
„Наместо за партиски вработувања во Јавните претпријатија, ги повикуваме да објаснат на штипската јавност како незаконски ги покачија паушалите на членовите во Управниот одбор на ЈП Исар кога тие беа на власт , од 3500 денари на фантастични 11.000 денари кои не биле исплаќани во времето кога биле на власт, па вмровските челници дури подоцна си ги побараа на суд. СДСМ останува доследен на ставот дека во државната администрација нема и не смее да има реваншизми, притисоци и политика и секој има право да членува или да не членува во политичка партија, но тоа право никако нема и не смее да се доведе во врска со работното место.“ стоеше во нивното соопштение.
Денес процесите за вработувања се законски, јавни и транспарентни. Сите вработувања се согласно план, програма на самата институција и за сите кандидати важат еднакви услови и критериуми, посочија од СДСМ.
Лаура Стојанова М-Нет