
Со измените на Законот за заштита од пушење, кои стапуваат на сила од 1 март, пушењето ќе биде дозволено исклучиво на строго определени отворени простории. Станува збор за физички одделени делови, кои мора да бидат отворени од најмалку три страни и на кои нема никакви стаклени, пластични или други прегради. Овие простории ќе бидат единствените законски дозволени места за пушење.
Пушењето целосно се забранува во сите затворени простории, како и пред самите влезови на институциите. Болниците, училиштата, градинките, факултетите, спортските и културните објекти, како и државните и општинските установи стануваат целосно зони без чад.
Забраната се проширува и на јавниот превоз, вклучително автобуси, возови и авиони, како и на постојките и станиците. Цигара нема да смее да се запали ниту во приватно возило доколку во него се наоѓа дете. Чадот се исфрла и од заедничките простории во станбените згради, како што се лифтовите, ходниците, светларниците и котларниците.
Угостителските објекти и понатаму ќе работат под строги правила. Пушењето во затворен дел на кафеани, кафулиња и ресторани е целосно забрането, а дозволено ќе биде само на надворешни делови кои ги исполнуваат законските услови за отвореност и физичка одвоеност.
За непочитување на правилата се предвидени парични казни од 150 до 300 евра за граѓаните, додека за правните лица казните достигнуваат и до 5.000 евра, во зависност од големината на субјектот.
Со законските измени се воведува и забрана за производство, увоз и продажба на ароматизирани тутунски и никотински производи, при што ќе остане дозволен само класичниот тутунски вкус. Дополнително, се забранува и каква било форма на рекламирање и промоција на тутунските производи.
Иван Митев, М-Нет