
И покрај жешкото време, пазарот во Штип и овој петок беше полн со луѓе кои ги полнеа торбите со свежо овошје и зеленчук. Купувачите едногласни, цените не се скапи, а кога ќе се види под какво сонце работат земјоделците, велат дека нивниот труд вреди многу повеќе. Од пиперки и патлиџани до праски и лубеници, на тезгите имаше од се по нешто, а најголем интерес имаше за лубеницата која носи разладување во овие летни денови.
„Не е скап, многу е евтино, се е евтино. Земав леб, патлиџани, компир, кромид, што ми треба за дома.“, велат граѓаните
„Се си купив, пипер, патлиџани, краставици, праски, тоа. Нее, не е скапо, се мачат луѓето, ние станеме сабајлето и за кафето и ѓезвето се фатиме, тие за мотиката се фатат, греота е. Има и квалитет, има и уубави праски има.“, додаваа граѓаните
Според продавачите, цените и овој петок остануваат прифатливи за купувачите, со богат избор на овошје и зеленчук по различни цени. Најголем интерес има за лубениците и дињите, бидејќи во овие жешки денови граѓаните најчесто бараат начин да се разладат со свежо и сезонско овошје.
Меѓу мирисот на свежите праски, пиперки и лубеници, и овој петок пазарот потсети дека зад секој плод стојат многу работа, пот и труд, но и желба на граѓаните да го поддржат домашното производство.
Дајана Сандева, М-Нет