Итна седница на Општинскиот кризен штаб во Кочани- се бара почитување на мерките за заштита од КОВИД-19

Општинскиот кризен штаб на Кочани денес одржа итна седница, поради зголемениот број на дневно позитивни случаи на коронавирус во општината.

На седницата беше образложена моменталната ситуација со коронавирусот во Кочани, со главен заклучок да се засили јавната кампања за строго почитување на мерките за лична и колективна здравствена заштита.

Во Кочани во моментот има 102 активни случаи, од кои 91 случај е на домашно лекување, а 11 на болничко. Досега регистрирани се 145 оздравени пациенти. Од Општинскиот кризен штаб инфомираа дека утринава починало уште едно лице, со што од почетокот на кризата досега, пет лица ја загубија  битката со вирусот.

Александар Максимов, началник на Одделението за внатрешни работи-Кочани  истакна дека од безбедносен аспект состојбата е стабилна и под контрола.Во последните шест месеци евидентирани се  117 кривични дела, за што се поднесени 67 пријави за непостапување според здравствените прописи, додека за неносење маска казнети се 711 лица.

Сите вклучени институции во  Општинскиот кризен штаб се согласни дека мора да се интензивираат контролите на терен, заради почитување на мерките за заштита од коронавирусот.

Матичните лекари ја истакнаа потребата пациентите да не ги кријат симптомите и контактите, за да може состојбата да се држи под контрола. Мобилниот сервис за домашна посета и тимови од волонтери на Црвениот крст доставуваат храна, облека, лекови, инсулинска и онколошка терапија на лицата што се во самоизолација.