
Амбасадорот на Италија на средба во штипскиот Универзитет. Н.Е. Андреа Силвестри, оствари средба со ректорот на штипскиот Универзитет, деканката и продеканката на Филолошкиот факултет и наставниот кадар и студентите од Катедрата за италијански јазик и книжевност. Силвестри го искажа своето задоволство од посетата и понуди понатамошна соработка.
„Амбасадорот се заблагодарува на поканата и многу е задоволен што денес е овде. Тој секогаш ја поддржува Катедрата за италијански јазик и книжевност и изучувањето на италијанскиот јазик на УГД во Штип. Се разбира, одржува и соработка со Правниот факултет“, истакна Силвестри.
Деканката на Филолошкиот факултет, Драгана Кузмановска, истакна дека на средбата, меѓу другото се разговарало и за вмрежување и на другите факултети со факултетите во Италија. Идејата е италијанскиот јазик да се воведе и во училиштата за што деканката смета дека има доволно кадар, иако бројот на студенти на италијанистика не е задоволителен.
„Еве, веќе со правниот факултет имаат интензивна соработка. Продолжува да иницира нови соработки, односно вмрежување на сите единици во УГД со факултетите во Италија. Бројката на студенти не е задоволителна, би рекла, околу триесетина студенти, но имаме предвид дека Катедрата две години беше во мирување. Сепак, сме задоволни, бидејќи се зголемува. Оваа година Филолошкиот факултет нуди и десет стипендии за најдобрите, меѓу другите и за оние кои ќе се запишат на Катедрата за италијански јазик и книжевност“, истакна Кузмановска.
Како што истакнаа и двете страни, амбасадорот на Италија е чест гостин во штипскиот Универзитет и редовно ги поддржува сите активности кои се спроведуваат. Токму поради ваквата добра соработка се оствари и оваа средба, дополнително да се планираат и други активности.
Ребека Спасова М-Нет