Истекува рокот на работодавачите за исплата на К-15, граѓаните велат дека често се злоупотребува

Уште две недели им остануваат на работодавачите да го исплатат регресот за годишен одмор, меѓу народот познат како К-15. Не постои компанија која е ослободена од плаќање на регрес за годишен одмор кој им следува на работниците, а во случај на такво нешто постојат и ригорозни казни. За неисплата на К-15 предвидена е глоба од 4.000 евра, а на работодавачите кои бараат да им се вратат исплатените пари им се заканува и затворска казна од три месеца, па до една година. Меѓутоа, граѓаните се сведоци дека компаниите сѐ почесто одбегнуваат исплата или, пак, исплаќаат некоја мала сума, па и од 100 денари.

Исплатата според Законот започнува од 1 јули во сите фирми и институции во државата, но праксата покажува дека се исплаќа секогаш на крајот на годината. Како доаѓа календарската година, така се стеснува и рокот до кој мора сите компании на своите работници да им исплатат регрес за годишен одмор. Имајќи го предвит самото име, а знаејќи и дека годишните одмори најчесто се во летниот период, граѓаните сметаат дека е подобро да се исплаќа тогаш. Сепак, не се против тоа парите да легнат на сметките на работниците и во декември, зашто е важно да се исплатат, без разлика кога.

Оваa година минималниот износ за К-15 е 14.000 денари. Оваа сума се добива кога ќе се земат предвид последните просечни месечни плати согласно со статистиката на Државниот завод за статистика и од нив ќе се пресмета правото на регрес за годишен одмор во висина од најмалку 40%. Владата во јули го потпиша и Општиот колективен договор за јавниот сектор, кој предвидува до крајот на декември да им се исплати К-15 во висина од 10.000 денари, за од следната година да биде најмалку 30% од висината на просечната плата во изминатата година. Оваа година за првпат по две децении, регрес за годишен одмор од по 10.000 денари ќе добијат и наставниците.

Ребека Спасова М-Нет