Инфраструктура, осветлување на Беровско езеро и водоснабдувањето приоритети за наредната година

Со околу 414 милиони денари предлог Буџет за наредната година Општина Берово ќе работи на приоритетни проекти. Предлог Буџетот треба да биде усвоен на наредната седница на Советот на Општина Берово и споредбено со претходната година бележи благо зголемување. Градоначалниот, Звонко Пекевски посочи дека со овој Буџет би требало да се реализираат приоритетните проекти во општината.

„Согласно обврските на Советот на општината реализираме буџетски форум, завршен е и донесен предлог Буџет и се надевам дека на 18.12 би бил пред советниците на усвојување. Буџетот ќе изнесува околу 414 милиони денатри вкупниот Буџет, или основните околу 141 милион денари.“ – вели Пекевски.

Инфраструктура, осветлување на Беровско езеро, решавање на проблемот со водоснабдувањето се дел од приоритетите кои ќе се работат наредната изборна година. Пекевски е дециден дека на ваков начин со подобрување на инфраструктурата ќе се олесни движењето во градот, како и животот на граѓаните.

„Еден од приоритетите е решавање на проблемот со водоснабдувањето во Ратево. Веќе со средствата кои ги добивме од Влада имаме аплицирано со девет проекти. Тие се во некоја вредност од 30 милиони денари, два милиони се од општината, останатите од Влада. Два од нив се за инфраструктурата на отпадни води, шест се за улици и еден е за улично осветлување“ – додава Пекевски.

Дополнително осветлувањето на Беровско езеро ќе овозможи оваа туристичка населба да добие уште подобар лик со што ќе се зголеми бројот на туристи во Берово. Дел од проектите се по барање на жителите, а се ставени во програмата за реализација на Локалната самоуправа.

Лаура Стојанова, М-Нет