Имиња на улиците и броеви на куќите ќе добијат населените места во општина Карбинци

Улиците на територија на општина Карбинци за првпат ќе бидат именувани, а објектите нумерирани. Ова ќе биде една од точките на состанокот со месните заедници, кои ќе треба да дадат и предлози за имиња на улиците. Градоначалникот, Виктор Паунов, вели дека месецов ќе ја започнат административната постапка, која на крај ќе мора да заврши со Одлука на Влада.

„Така, онаа административна постапка веќе ќе ја започнеме деновиве со тоа што за првпат куќите ќе бидат нумерирани, а улиците именувани според предлозите на населението. Ова е еден вид постапка или проект на Општина Карбинци со којшто сакаме дополнително да им дадеме еден чекор понапред во делот на урбанизацијата на населените места со тоа што ќе им олесниме на жителите во делот на адресите и можноста да бидат нумерирани како што е по Закон и како што треба да биде. Тоа е постапка којашто ќе ја започнеме веќе овој месец, се надевам дека набрзо ќе биде завршена, а предлозите за именувањето на улиците ќе ги црпиме од жителите. Ќе одлучиме на седница на Совет, а потоа постапката ќе ја завршиме со Одлука на Влада, како што е и по Закон“, вели Паунов.

Меѓутоа, именувањето на улиците нема да изискува дополнително менување на валидните лични документи на жителите на општина Карбинци, туку менувањето на улицата во личниот документ ќе може да го сторат при негово редовно обновување.

„Личните документи нема да бидат жителите приморани да ги менуваат по овие промени, така што личните документи ќе си бидат важечки, нема да има потреба од дополнително менување“, додава Паунов.

Дополнително, Паунов посочи дека во месните заедници ќе се верификуваат мандатите и ќе се врши избор на нов состав на членовите на месните заедници, кои ќе дискутираат во однос на ова прашање.

Ребека Спасова М-Нет